Дома За нас Центри Галерија За пациенти Контакт Мacedonian
Albanian
English

 ЗА ПАЦИЕНТИ

Што е хемодијализа?

Хемодијализата е процес со кој од телото се исфрлуваат штетните материи и вишокот на вода кај болните со краен стадиум на бубрежна болест, кога бубрезите повеќе не работат. Тогаш има опасност од нарушување на останатите функции на организмот.

 

На кој принцип работи хемодијализа?

Хемодијализата работи на принцип на циркулација на крвта преку специјални филтри надвор од телото. Филтрите вршат одстранување на токсините. Потоа крвта се враќа во телото.

Апаратот за дијализа извршува три важни функции: ги отстранува отпадните материи од крвта, ја пумпа крвта низ дијализерот и го мери крвниот притисок и количеството на течности отстранети од организмот.

 

Кои се основите делови на апаратот за хемодијализа?

Дијализатор, апарат за дијализа, раствор за дијализа и помошен прибор (игли, линии). Дијализаторот, филтерот има улога на “вештачки бубрег″ и содржи полупропусна мембрана во облик на капилари. Низ таа мембрана поминуваат материи, молекули само со одредена големина и вода. Филтерот се менува за секоја дијализа за секој болен. Растворот за дијализа, дијализатот, ја одржува рамнотежата на електролитите и учествува во процесот на прочистување на крвта. Апаратот за дијализа ја овозможува постојан проток на крвта и дијализатот и ја одржува постојана температурата.

 

Како се спроведува хемодијализата?

Со хемодијализата се зема крв од телото и се пумпа во посебна машина за дијализа. Преку филтерот се филтрираат отровните материи од крвта. Таа мембрана има мали пори и не ги пропушта крвните клетки и белковините.  Кога болниот ќе се приклучи за апаратот, крвта од артеријата оди во апаратот, се прочистува и прочистена се враќа во телото преку вена. Бидејќи крвта доаѓа во допир со материјал кој е “туѓ” за телото и може да дојде до згрутчување на крвта, создавање на коагулуми, се дава хепарин. Со посебни “маркери” (Kt/V) се проценува адекватноста на дијализата.

Дијализата донекаде ја заменува функцијата на бубрезите кои не работат правилно. Ги одстранува токсините од крвта кои евентуално би довеле до смрт доколку бубрезите не функционираат. Иако дијализата не е константен процес и не може да ја регулира функцијата на телото како нормалните бубрези, но може да ги елиминира отпадните продукти и да ги врати електролитите и киселоста на потребното ниво.

Пациентите најчесто имаат 3 третмани неделно при што тие остануваат приклучени на апаратот најмалку 4 часа.

 

 

 

Какви видови на крвни пристапи има?

За да се обезбеди доволно голем крвен проток до апаратот потребно е да се направи соодветен крвен пристап кај пациентот. Дијализата користи специјални начини за пристап на крвта во крвните садови. Пристапот може да биде привремен или траен. Привремениот пристап користи дијализни катетри – цевчиња пласирани во големите вени кои го подржуваат крвотокот. Повеќето катетри се користат краток период, но тунелираните типови на катетри може да се користат подолг период, со недели па и со месеци. Трајниот пристап се создава по хируршки пат со спојување на артерија со вена. Ова овозможува вената да прими крв под висок притисок, водејќи до истенчување на ѕидот на вената. Конекцијата помеѓу артеријата и вената може да биде направена користејќи ги крвните садови (артериовенска фистула), или пак со синтетичко премостување (артериовенски графт).

 

Кој е најдобар крвен пристап?

Најдобар крвен пристап е артериовенска фистула, бидејќи има помала веројатност за појава на инфекции и подолготрајна функција отколку артериовенскиот графт и траен тунелизиран катетер.

 

Кои се можни компликации?

Можни комплликации на хемодијализата се зголемена температура, алергиска реакција, пад на крвниот притисок, пореметување на ритамот на срцето поради промена на рамнотежата на електролитите, воздушна емболија, крварење. Инфекција најчесто се јавува кај болните кои имаат катетер. Затоа најтрајно и најдобро решение е артериовенската фистула.

 

Што треба да знаат болните и нивните семејства?

Хемодијализата е најчест облик на лекување на болните со краен стадиум на хронична бубрежна болест. Се додека болните не се трансплантираат  мора да бидат лекувани со некој облик на дијализа, некогаш и до крајот на животот. Има болни кои живеат на хемодијализа и преку триесет години. Многу е важно строго да се придржуваат до распоредот на дијализите.

 

Кои се правилата за хигена?
Посебна грижа се води за апсолутно обезбедување на услови за хигиена, со цел целосна безбедност на пациентите при нивното лекување :

-Изолирана соба за инфицирани пациенти

-Континуирано чистење и дезинфицирање на сите простории на Одделот

-Стерилизација на опремата по завршување на секоја смена

-Секојдневна контрола на системот за обработка на водата со негово on-line следење

 

Кои се задачите на медицинскиот персоналот?

Пациентите се под постојан строг надзор на на лекарите и медицински сестри, кои се избрани со строги критериуми во однос на нивното високо ниво на едукација и несомненото искуство во оваа област. Нашите лекарите се присутни при секоја дијализа а остануваат на располагање на пациентите 24 часа,со цел да се даде било каков совет или да се третира итен случај.

Нивните одговорности вклучуваат:

-Проверка на виталните знаци на болниот и неговата општа состојба.

-Ги подучуваат болните за нивната болест и третман и одговараат на прашањата од болните.

-Го следат и надгледуваат дијализниот третман од почеток до крај.

-Даваат лекарства на болните.

-Ја евалуираат реакцијата на болниот на дијализниот третман и на лекаствата.

-Ги следат промените на состојбата кај болните.